Иако се применува веќе десетина месеци, Законот за финансиска дисциплина, кој требаше да обезбеди навремено плаќање на обврските меѓу компаниите, се' уште не успеа да ја постигне оваа цел, коментираат дел од бизнисмените. Според нив, добар дел од фирмите и натаму доцнат со плаќањата. Причина, како што велат тие, е фактот што Управата за јавни приходи се' уште не формирала орган кој ќе врши контрола на тоа дали фирмите ги почитуваат роковите за плаќање наведени во договорите, а се утврдени со Законот за финансиска дисциплина. Од УЈП, пак, нагласуваат дека тие уште на 2 јануари годинава објавиле „Упатство за навремено исполнување на паричните обврски и надзор над деловните трансакции меѓу економски оператори од приватниот сектор“, кое е јавно достапно и може да се преземе од веб-страницата на управата. „Упатството има за цел информирање на сите инволвирани страни и на јавноста, за активностите кои се преземаат од УЈП при неисполнување на паричните обврски согласно со Законот за финансиска дисциплина“, ни изјавија вчера од УЈП.
Иако се применува веќе десетина месеци, Законот за финансиска дисциплина, кој требаше да обезбеди навремено плаќање на обврските меѓу компаниите, се' уште не успеа да ја постигне оваа цел, коментираат дел од бизнисмените. Според нив, добар дел од фирмите и натаму доцнат со плаќањата.
Причина, како што велат тие, е фактот што Управата за јавни приходи се' уште не формирала орган кој ќе врши контрола на тоа дали фирмите ги почитуваат роковите за плаќање наведени во договорите, а се утврдени со Законот за финансиска дисциплина. Од УЈП, пак, нагласуваат дека тие уште на 2 јануари годинава објавиле „Упатство за навремено исполнување на паричните обврски и надзор над деловните трансакции меѓу економски оператори од приватниот сектор“, кое е јавно достапно и може да се преземе од веб-страницата на управата. „Упатството има за цел информирање на сите инволвирани страни и на јавноста, за активностите кои се преземаат од УЈП при неисполнување на паричните обврски согласно со Законот за финансиска дисциплина“, ни изјавија вчера од УЈП.
Но, бизнисмените велат дека Управата треба да ги извести компаниите конкретно кој е тој орган во нејзини рамки што ќе ја врши контролата, за да знаат каде да реагираат кога партнерите нема навреме да им платат.
„Од почетокот на годинава државата требаше да почне да врши контрола, преку специјален орган кој за таа цел би се формирал во УЈП, а кој би проверувал дали фирмите ги почитуваат роковите од 60 или 120 дена што се наведени во договорите, согласно со Законот. Тој орган во УЈП треба да е формиран од правници, но таква контрола се' уште не се врши, бидејќи не е ни формиран таков орган во УЈП“, вели бизнисменот Горан Рафајловски, претседател на Стопанската комора на град Скопје. Тој додава дека штом не се врши таа контрола, значи дека во практика се' останува по старо.
Всушност, како што објаснува Рафајловски, на терен компаниите и натаму должат, а дел од нив одбиваат дури и да склучат договори во кои би се прецизирал рокот за плаќање, иако тоа го бара законот. „Точно, можете да им речете дека ако не склучат договор, нема да работите со нив, но со кого тогаш ќе работите“, прашува овој бизнисмен.
Од УЈП, пак, велат дека штом фирмите ќе достават известување кај нив за непочитување на роковите за плаќање, тие, според Упатството, мора да постапуваат. „УЈП е должна да изврши контрола на деловната трансакција во рок од 30 дена од приемот на известувањето за пречекорување на законските рокови за плаќање на обврските. Во рок од 15 дена од извршениот надзор, УЈП има обврска да поднесе прекршочна пријава до надлежниот суд, доколку се утврди дека должникот не ја намирил паричната обврска во роковите утврдени со закон“, се вели во Упатството и се додава дека во рок од 18 дена од извршниот надзор, УЈП има обврска да достави во писмена или електронска форма известување за утврдените состојби, и тоа до доверителот кој ја поднел тужбата до судот, односно барањето за извршување до извршител.
Инаку, во Законот за финансиска дисциплина кој почна да важи од мај лани е наведено дека во деловна трансакција меѓу компаниите од приватниот сектор роковите за плаќање не можат да бидат подолги од 60 дена, а само по исклучок, можен е подолг рок, но не повеќе од 120 дена и само ако за тоа постои писмена согласност од двете страни. Глоба во износ од 5.000 до 10.000 ќе платат фирмите ако не ја подмират обврската во рокот, а за одговорното лице глобите се од 750 до 1.500 евра.
За Фондот за здравство, како и за други здравствени установи, но и за општините и за јавните претпријатија, лани роковите за плаќање беа одредени на 120 дена, а од оваа година се намалуваат на 90 дена. Додека, пак, од почетокот на 2016, и за јавниот сектор треба да важат истите рокови за плаќање како и за приватниот сектор, два месеца.